Александар Бојковски, дел од тимот на Семос Едукација

Инструктор на Академијата за UX дизајн акредитирана од МОН.

БЛОГ ОБЈАВА
Кој е Александар Бојковски?

Александар е дипломиран инженер по автоматика и компјутерско системско инженерство, UX дизајнер во Symphony Solutions задолжен за развој на продукти за Enterprise клиенти во e-learning индустријата. Ужива во споделување на знаење на јавни презентации, работилници и е редовен ментор на хакатони како NASA Space Apps Challenge, Kindhack, Techstars Startup Weekend, UNICEF Generation Unlimited… Носител на признание за најдобар ментор на NASA Space Apps Challenge 2020, Skopje MKD.

Кога би требало да се опишеш себеси со три зборови, тие би билe...

Креативен, отворен, дивергентен.

Што е UX дизајн?

(Нешто за кое може долго и длабоко да дискутира :)) Постојат многу различни дефиниции за UX дизајн, но во суштина тоа е креативен процес кој во фокус го има корисникот и неговите проблеми, желби, потреби, притоа не изоставувајќи ги аспектите на технологијата и бизнисот - важни за одржливоста и скалабилноста на решението.

Целта на овој процес е усогласување на сите засегнати страни и креирање на корисничко искуство (User Experience), односно производ или услуга која ќе го овозможи тоа искуство. Најголемиот дел од денешните UX решенија се во дигитален контекст, а производот е во форма на веб/мобилна апликација. Корисниците интеракцијата со производот ја имаат преку интерфејсот (UI) и најчесто тоа е едно од првите нешта со кои се асоцира UX дизајнот.

Сепак, тоа е само површината на еден долг и длабок процес на истражување, анализа, емпатија и разбирање на корисниците, дефинирање на проблемите, потребите и желбите, како и усогласување со технологијата и бизнис целите. Во UX дизајн се испреплетуваат делови од многу различни области и професии како психологија, бизнис, аналитика, инженерство, визуелен дизајн... и токму затоа е креативна област која ги движи технолошкиот развој и иновациите.

Што значи да се биде сертифициран UX дизајнер денес, и колку оваа професија е барана во Македонија и надвор?

Да се биде сертифициран UX дизајнер значи да се има потврда дека успешно се разбираат и применуваат концептите, процесите и алатките за UX дизајн. Сертификатот е еден вид признание за успешно завршување на програмата и основа за висок старт во професијата. Сепак, суштината не е во парчето хартија со вашето име и презиме, туку во знаењето, вештините и насоките кои ќе останат во вас и кои постојано ќе треба да ги одржувате, развивате и применувате на нови креативни предизвици.

Професијата е многу актуелна и барана во последниве години насекаде низ светот. Компаниите сѐ повеќе ја разбираат и прифаќаат важноста на корисничкото искуство како еден од главните носители на нивниот раст и успех.

Ти имаш големо искуство во оваа област. Кој дел од оваа професија најмногу ти лежи?

Јас сум дивергентна личност, инженер и креативец кој сака да им помага на другите, да решава комплексни проблеми и да креира интерактивни интерфејси со добар визуелен изглед и естетика. Уживам да правам работи од нула. На почетокот на мојата кариера имав можност за избор помеѓу три патеки: електроинженер, систем администратор и UX дизајнер.

Првото работно искуство ми беше како систем администратор. Навистина ја сакав таа област и бев успешен и наградуван во неа, сѐ додека еден ден не ми се укажа шанса за работа како UX дизајнер. Во тоа време почнав паралелно да работам и на двете позиции, претпладне како систем администратор, попладне како UX дизајнер.

Навистина бев неодлучен во изборот иако сите ме советуваа дека треба да дадам приоритет на една област за да можам побрзо да се развијам во неа. Одлуката беше многу тешка, сепак, околностите во ИТ индустријата се променија со појавата на cloud технологиите. Тогаш увидов дека администрирањето на системите ќе стане поавтоматизирано и дека software-as-a-service е иднината во таа област. Сето тоа значеше помалку интервенции и помала интеракција со клиентите, што не беше многу привлечно за мене.

Од друга страна, правењето на работи од нула и задоволството кое го гледав кај клиентите и корисниците со секоја нова имплементација на дизајнот ме исполнуваше и ме правеше среќен. И тогаш дознав дека UX дизајнот е област во која можам максимално да го искористам мојот потенцијал. Во моментов работам на развој и имплементација на решенија за Enterprise клиенти во e-learning индустријата. Сакам да бидам вклучен во сите делови на процесот, но најмногу ми лежи делот за развој на продукт и имплементација на дизајнот.

Кои знаења и вештини се кријат зад Академијата за UX дизајн- што сѐ носи во себе?

Академијата за UX дизајн во себе носи широк спектар на знаења и вештини важни за успешен старт во областа. Во неа се опфатени процесите на креативно размислување и Design Thinking, елементите, моделите и принципите за UX и UI дизајн, како и алатки за изработка на дигитални прототипи на решенија. Во програмата детално се разработени сите аспекти од оваа област преку соодветни теориски, практични и интерактивни предавања и вежби. Како дел од програмата се вклучени и Agile Scrum методологии и принципи кои ќе ви помогнат во менаџирање на вашите проекти и успешна и брза интеграција во речиси сите светски компании кои го користат овој тип на менаџирање.

Кои вештини треба да ги поседува еден сертифициран AI Practitioner за да биде успешен?

Покрај практичните вежби и задачи во текот на сите модули, како заокружување на целата програма вклучен е и посебен фонд на часови за практична настава. Во овој дел имате можност уште еднаш целосно да го примените целокупното знаење и вештини на реален проект кој ќе го збогати вашето портфолио и ќе ги подобри вашите шанси за успешно вработување.

Омилен модул на Академијата?

Сметам дека секој од модулите има голема вредност во кариерното обликување во областа на UX дизајн, сепак како најкомплексен и најсеопфатен го сметам практичниот модул. Во него се врши валидација на стекнатото знаење и вештини. Тој е клучен за проверка на mindset-от и успешно завршување на програмата, а во исто време ви овозможува да креирате нешто вредно за другите и за вас.

Моментален тренд или професија што ќе остане?

UX е нешто што е насекаде околу нас уште од најраниот развој на човечката цивилизација, но во различна форма и контекст и под различно име, зависно од временскиот период. Во моменталниот дигитален контекст UX дизајн е сигурна професија на сегашноста и иднината во која особено ќе се цени интердисциплинарноста и креативноста.

Како луѓето да проценат дали оваа академија е токму за нив?

Доколку сте емпатични и сакате да ги разберете и да им помагате на другите, да анализирате, да решавате проблеми и да креирате нешто од „ништо“, да им дадете соодветна функционална форма на вашите идеи, тогаш оваа Академија ќе ви помогне во тоа. Поради фактот дека оваа област е прилично широка и вклучува делови од други области и професии, во неа посебно се цени разновидноста, интердисциплинарноста и различната перспектива. Во неа се добредојдени не само графички дизајнери, туку и луѓе од други професии кои се спремни да бидат посветени, упорни и мотивирани на својот пат кон успехот.

Твој совет за идните UX дизајнери...

Честитки за вашиот избор! Пред вас е светла иднина исполнета со многу креативност, предизвици и можности. Но, не заборавајте дека за секој успех треба знаење и вештини, време, упорност и посветеност. Ние сме тука да ви помогнеме и да ве насочиме на побрзата патека кон вашата цел.

#ux-ui
СЛИЧНИ БЛОГ ОБЈАВИ

НАЈНОВИТЕ СВЕТСКИ ТЕХНОЛОГИИ ТИ СЕ ДОСТАПНИ!

Откриј ги поволностите за учење.

НАПРАВИ ГО ПРВИОТ ЧЕКОР